Семинар за заштита на класифицирани информации

Скопје, 19 ноември 2015 година

 

Во соработка со Управата за финансиско разузнавање на Република Македонија, а под покровителство и организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на 19 ноември 2015 година во Скопје одржа семинар за заштита на класифицирани информации. Целта на семинарот беше запознавање на вработените од Управата за финансиско разузнавање со безбедносните стандарди за заштита на класифицирани информации како и подигање на безбедносната свест на вработените при ракување со класифицирани информации. Семинарот беше одржан во рамките на проектот „Јакнење на институционалната структура и капацитетот на Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Финансиското разузнавање за справување со транснационалните закани, со посебно внимание на борбата против сериозниот и организираниот криминал“, финансиран и координиран од страна на ОБСЕ.

Предавање за заштита на класифицирани информации

Скопје, 11 ноември 2015 година

 

На 11 ноември 2015 година на Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа предавање на тема: „Заштита на класифицирани информации“. На предавањето беа присутни студенти од сите 3 циклуси на студии. По предавањето, директорот оствари средба со деканот на Факултетот со цел отпочнување на иницијатива за потпишување меморандум за соработка помеѓу двете институции.

Конференција за сајбер безбедност за земји во развој

Истанбул, 26-27 октомври 2015 година

 

На 26 - 27 октомври 2015 година, во Истанбул, Турција се одржа конференција на тема сајбер безбедност за земји во развој на којашто учествуваа двајца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Дискусиите на конференцијата беа фокусирани на стандардите за заштита од сајбер напади и добивање компаративни сознанија за организираноста на националните структури за сајбер безбедност, вклучувајќи ги и националните ЦЕРТ тимови во земјите што всушност беше цел на конференцијата. Конференцијата беше организирана под покровителство на UNDP, EU и France Expertise.

Заштита на критичната инфраструктура / клучните структури во, од и низ сајбер просторот

Гармиш Партенкирхен, 22-23 октомври 2015 година

 

На покана на Европската команда на САД преку овластено лице во Амбасадата на САД во Република Македонија, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на интернационална сајбер конференција на тема „Заштита на критичната инфраструктура / клучните ресурси во, од и низ сајбер просторот“. Конференцијата се одржа на 22 и 23 октомври 2015 година во Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ С. Маршал“ Гармишпартен Кирхен, Германија. На конференцијата експерти од САД се осврнаа на актуелни теми од сајбер безбедноста и притоа акцентот беше ставен на стандардизацијата на безбедноста на сајбер просторот и заштитата на критичната инфраструктура во, од и низ сајбер просторот.

Интегриран курс за земји Партнери (IPOC)

Рим, 18-24 октомври 2015 година

 

Претставник на Дирекцијата учествуваше на Интегрираниот курс за земји Партнери (IPOC) што се одржа во периодот од 18-24 октомври 2015 година во НАТО колеџот во Рим, Италија. Фокусот на обуката беше унапредување на знаењето на учесниците за НАТО Алијансата, за нејзините мисии, за нејзината улога и приоритети, за нејзината внатрешна структура и организација, како и за нејзините надворешни односи со земјите партнери и меѓународните организации. На курсот акцент беше ставен и на начините на коишто секој од овие елементи се развива како резултат на промените и новите предизвици во меѓународното безбедносно опкружување.

НАТО курс за европска безбедносна соработка

Оберамергау, 04 – 17 октомври 2015 година

 

Во периодот од 4 до 17 октомври 2015 година, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на НАТО курсот за европска безбедносна соработка (NATO European Security Cooperation Course) што се одржа во НАТО Школата во Оберамергау, Германија. Фокусот на обуката беше насочен кон унапредување на знаењето за тековното безбедносно опкружување во Европа и градење доверба и заемно разбирање меѓу претставниците на земјите членки на НАТО и на Партнерството за мир.

Конференција за сајбер безбедност

Белград, 29 – 30 октомври 2015 година

 

На 29 и 30 октомври 2015 година, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации присуствуваше на конференција за сајбер безбедност што се одржа во Белград, Република Србија. Конференцијата на тема „Ефективни стратегии за сајбер/ИТК безбедносни закани“ беше организирана од страна на ОБСЕ и Република Србија. Акцент беше ставен на првиот сет мерки за градење доверба, усвоени во 2013 година од страна на земјите членки на ОБСЕ, насочени кон подобрување на меѓународната комуникација и размена на информации помеѓу ОБСЕ членките и други меѓународни организации во обид за намалување на ризикот од конфликт којшто може да произлезе од употребата на ИКТ технологијата.

Самит за сајбер закани

Даблин, 1 октомври 2015 година

 

Двајца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации присуствуваа на „Интернационалниот самит на сајбер закани 2015“ што се одржа на 01 октомври 2015 година во Даблин, Република Ирска. Самитот, како еден од најважните и највлијателните настани што се одржуваат на годишно ниво на коишто се опфаќаат теми од доменот на сајбер безбедноста, беше одлична можност за воспоставување нови контакти и за унапредување на знаењата од доменот на сајбер безбедноста во насока на зајакнување на капацитетите на Дирекцијата во таа област.

Конференција за сајбер безбедност

Сибиу, 23 – 26 Септември 2015 година

 

Во периодот од 23.09 до 26.09.2015 година ви Сибиу, Романија се одржа конференција за Cyber Defense, на која присуствуваше еден претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Оваа конференција се организира по трет пат каде што познати експертски компании од целиот свет поврзани со сајбер безбедноста дискутираат на актуелни теми од информатичката безбедност.

Работилница за безбедносната политика на НАТО

Брдо, 21 – 25 септември 2015 година

 

Претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на работилницата за безбедносната политика на НАТО наменета за претставници на земјите што не се членки на НАТО и за претставници на други меѓународни организации, што се одржа во периодот од 21 до 25 септември 2015 година на Брдо, Словенија. Целта на работилницата беше запознавање на учесниците со практичните искуства од примената на безбедносните регулативи и процедури на НАТО.

Syndicate content