Надлежности

Согласно Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр 9/04) и Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр 113/07), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е основана за спроведување на утврдената политика за заштита на класифицираните информации и на меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации во согласност со меѓународните договори, за вршење инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите на Законот за класифицирани информации и на другите прописи од областа на класифицираните информации, како и за вршење други работи утврдени со Законот.

Оттаму, произлегуваат и надлежностите на Дирекцијата, коишто по својата природа можат да се поделат во три групи:

  • надлежности со внатрешна димензија коишто се однесуваат на примената на меѓународните стандарди и норми на национално ниво во размената на класифицирани информации, вклучувајќи и соодветна заштита на примените информации;
  • надлежности со надворешна димензија коишто се однесуваат на вршењето контрола на начинот на којшто се чуваат и се заштитуваат класифицираните информации што РМ им ги има отстапено на користење на странски држави и на меѓународни организации, како и надлежностите коишто се однесуваат на учеството на РМ во евроатлантските структури и иницирањето склучување меѓународни договори;
  • други надлежности коишто се однесуваат на развивање планови за заштита на класифицирани информации во вонредни состојби, како и обука на корисниците на класифицираните информации преку организирање разни советувања, семинари и одделни консултации.

Подетаљно, Дирекцијата:

  • обезбедува континуирано спроведување на меѓународните стандарди и нормативи во преземањето на мерките и активностите за заштита на класифицираните информации;
  • врши координација на активностите во обезбедувањето заштита на класифицираните информации со државните органи и институциите коишто вршат размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации;
  • ги подготвува, ги организира, ги спроведува и го следи спроведувањето на мерките и активностите за обезбедување заштита на класифицирани информации што на Република Македонија и се отстапени на користење од странски држави и од меѓународни организации;
  • презема активности за заштита на класифицирани информации отстапени од Република Македонија на странски држави и на меѓународни организации;
  • учествува во изготвување планови и програми на Република Македонија за членство во меѓународни организации од областа за обезбедување заштита на класифицираните информации;
  • планира и остварува меѓународна соработка за заштита и размена на класифицирани информации;
  • предлага мерки за унапредување на заштитата на класифицирани информации;
  • покренува иницијативи за склучување меѓународни договори со странски држави и меѓународни организации од областа на размената на класифицирани информации;
  • покренува иницијативи за донесување безбедносни планови за заштита на класифицирани информации во вонредни состојби;
  • ги обучува корисниците на класифицираните информации, како и заинтересираните органи, организации и поединци во Република Македонија;
  • врши инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации и
  • врши други работи утврдени со Законот за класифицирани информации и со друг закон.

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации и со проширување на надлежностите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во доменот на инспекцискиот надзор и на националните класифицирани информации, од септември 2007 година Дирекцијата:

  • врши инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите на Законот за класифицирани информации и на другите прописи од областа на класифицираните информации при ракувањето со националните и со странските класифицирани информации во земјата преку овластени инспектори на Дирекцијата;
  • води прекршочни постапки и одлучува по прекршоци направени во однос на националните прописи коишто ја регулираат безбедноста на националните класифицирани информации и на странските класифицирани информации разменети на билатерална основа со други држави или со меѓународни организации (НАТО и ЕУ) преку Комисијата за одлучување по прекршок формирана во Дирекцијата.