Состанок на директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот

Љубљана, 28 ноември 2013 година

 

На состанокот на директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот што се одржа на 28 ноември 2013 година во Љубљана, Република Словенија, беа заземени заеднички ставови што се дадени во Завршната изјава со следниот текст:

„Директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот се сретнаа во Љубљана на Регионалниот состанок на шесте директори на националните безбедносни авторитети во Љубљана, Словенија (состанок RND – 6S).

Целта на настанот беше постигната: RND – 6S ја потврди определбата за надградување на процесот за заштита на класифицирани информации во регионот и за демонстрирање свест дека регионот треба сам да ја преземе одговорноста за развивање на тој процес. Понатаму, RND – 6S сака да ги идентификува иницијативите и проектите што би можеле да ја стимулираат регионалната соработка и интеграција.

Директорите на националните безбедносни авторитети ја искажаа својата определба за редовни состаноци на највисоко ниво најмалку еднаш годишно. На RND – 6S ќе се одобруваат специфични заеднички проекти.

Директорите на националните безбедносни авторитети одлучија состаноците на експертско ниво да се одржуваат по потреба.

Назначеното лице за контакт од секој Национален безбедносен авторитет ќе ја координира работата на експертите, ќе договара теми и ќе дава нацрт-предлози за заклучоците на RND – 6S состанокот.

Следејќи го овој пример, следниот RND – 6S состанок ќе се одржи во 2014 година.

RND – 6S ги охрабрува сите национални безбедносни авторитети да работат на билатерални спогодби или аранжмани (како, на пример, размена на писма) за соработка и работа на полето на заштитата на класифицирани информации.

RND – 6S ја искажува својата определба да стави акцент на здружените проекти организирани под покровителство на ЕУ (TAIEX, TWINNING).

Усвоените заклучоци на RND – 6S се прв чекор во иницирањето на процесот за фокусирање на здружени проекти и конкретна соработка во корист на безбедноста во регионот. Со овие заклучоци, регионот испрати јасна и едногласна порака до ЕУ дека е подготвен и дека има волја да преземе понатамошни чекори за приклучување; за таа цел, земјите ќе покажат заемна поддршка и помош. Без оглед на фактот што процесот за интеграција во ЕУ зависи од напредокот што секоја земја го остварува одделно, особено внимание треба да биде посветено и на здруженото делување, заемната поддршка и помош меѓу земјите во регионот.

RND – 6S даде согласност иницијалниот заеднички проект – НСА Облак – да стане рамка за размена на податоци што се потребни за безбедносна соработка. За таа цел, во 2014 година Националниот безбедносен авторитет на Словенија ќе организира работилница за правните предуслови, основните документи/формулари и минималните безбедносни стандарди на проектот.

На тој начин, националните безбедносни авторитети на Словенија и на Хрватска (како членки на ЕУ) ќе изработат заедничка изјава и ќе ги информираат институциите на ЕУ (и Канцеларијата за безбедност на НАТО) за заклучоците од состанокот RND – 6S, со цел да добијат нивна дополнителна поддршка за понатамошната работа на групата 6S.“