Семинари и обуки

ТAIEX Експертска мисија на тема „Инспекциски тимови за надзор над класифицирани информации: правна рамка, организациска...

Скопје, 06 - 07 декември 2016 година

 

На 06-07 декември 2016 година во експертска мисија, поддржана од TAIEX инструментот на Европската комисија, во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа претставник на Канцеларијата за безбедност на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ и претставник на Министерството за внатрешни работи на Република Словенија. Фокусот на експертската мисија беше ставен на инспекцискиот надзор, односно на правната рамка, поставеноста и програмите за работа на инспекциските тимови и на казнената политика.
Целта на експертската мисија беше размена на искуства и разгледување практични примери и можни решенија што би биле предмет на размислување при изработката на предлог-измените на Законот за класифицирани информации.

ТAIEX Работилница за интеракцијата меѓу законите за пристап до информации од јавен карактер, за заштита на личните податоци и...

Скопје, 29 - 30 ноември 2016 година

 

Четири претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на работилницата на тема „Интеракцијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со заштита на личните податоци и на класифицирани информации“, којашто се одржа на 29-30 ноември 2016 г. во Скопје во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со поддршка на ТAIEX инструментот на Европската комисија. На работилницата на којашто имаше гости предавачи од Германија, Естонија, Словенија, Шкотска и Шпанија, учествуваа претставници на државни органи од земјата – службени лица за посредување со пристапот до информации од јавен карактер.
Локалната перспектива за интеракцијата на трите закони со свои обраќања ја претставија претставници на Комисијата, на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Курс за генерали, адмирали и амбасадори (GFOAC)

Рим, 07-16 ноември 2016 година

 

Претставник на Дирекцијата учествуваше на Курсот за генерали, адмирали и амбасадори (GFOAC) што се одржа во периодот од 17 до 21 октомври 2016 година во организација на НАТО Колеџот во Рим, Италија. Првиот дел од обуката беше реализиран во Колеџот, додека вториот дел вклучи студиско патување во Брисел. Целта на овој курс беше зајакнување на заемното разбирање за актуелните безбедносни прашања и предизвици и за интересите и способностите на НАТО меѓу високо рангираните воени и поморски офицери и цивили, вклучувајќи ги и амбасадорите од НАТО и земјите членки на Партнерството за мир (PfP), Медитеранскиот дијалог (MD), Истанбулската иницијатива за соработка (ICI), Контакт земјите и Ирак.

Интегриран курс за земји Партнери (IPOC)

Рим, 17-21 октомври 2016 година

 

На Интегрираниот курс за земји Партнери (IPOC) што се одржа во периодот од 17-21 октомври 2016 година во НАТО Колеџот во Рим, Италија, учествуваше и претставник на Дирекцијата. Акцентот на обуката беше ставен на унапредување на знаењето на учесниците за НАТО, за нејзината улога и приоритети, за нејзината внатрешна структура и организација, за нејзините мисии, како и за нејзините надворешни односи со земјите партнери и меѓународните организации. Во дискусиите беше посветено внимание и на начините на коишто секој од овие елементи се развива како резултат на промените и на новите предизвици во меѓународното безбедносно опкружување.

Обука за Европска безбедносна и одбранбена политика на ЕУ

Скопје, модул на електронско учење на далечина, август- септември

Брисел, Ориентационен курс, 5-9 септември, 2016 година

Сараево, Рефлективен семинар, 3-6 октомври, 2016 година

 

Претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на 10-от циклус на обуки од областа на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ наменета за земјите членки од процесот на Стабилизација и Асоцијација. Организирана во рамките на ТАИЕХ инструментот за претпристапна помош на Европската комисија и поддржана од Европскиот колеџ за безбедност и одбрана, програмата имаше за цел оспособување на претставници од државните органи на земјите од Западен Балкан во областа на Европската безбедносна и одбранбена политика.

Учество во обуки за ЕУ интеграција (твининг проект MK 10 IPA OT 02 04)

Скопје, септември-октомври 2016 година

 

Во рамките на твининг проектот МК 10 IPA OT 02 14 „Понатамошно зајакнување на организациските и институционалните капацитети за процесот на европската интеграција“, претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа учество на повеќе обуки за ЕУ интеграција. Согласно планот и организацијата на Секретаријатот за европски прашања, обуките беа спроведени од страна на експерти од Хрватска, Полска и Германија, како и од Секретаријатот за европски прашања и од Секретаријатот за законодавство од Македонија.

ТAIEX Експертска мисија во соработка со НСА на Република Словенија

Скопје, 14 - 16 јуни 2016 година

 

Во периодот од 14 до 16 јуни 2016 година претставници на Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации (НСА) на Република Словенија престојуваа во Скопје во експертска мисија, поддржана од TAIEX инструментот на Европската комисија.
Целта на експертската мисија беше пренесување на словенечките знаења и научени лекции од доменот на индустриската безбедност, стекнати во рамките на членството во ЕУ и НАТО, и размена на стекнатите искуства на двете земји сврзани со безбедносните проверки на правните лица, со издавањето соодветни безбедносни сертификати на компаниите што учествуваат на класифицирани тендери, со активностите за подигање на безбедносната свест кај истите, како и со повеќе други прашања од сферата на индустриската безбедност. Притоа беа разгледани и практични примери и беа дискутирани можни решенија за предизвиците со коишто се соочуваат и двете земји во доменот на постојната регулатива, безбедносните процедури и инспекцискиот надзор сврзани со индустриската безбедност на класифицираните информации.

ТAIEX работилница

Скопје, 19 - 20 април 2016 година

 

На 19 и 20 април 2016 година во Скопје, со користење на TAIEX инструментот на Европската комисија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа работилница на тема „Прекумерната класификација на информациите во корелација со објективното препознавање на потребата за поседување безбедносен сертификат – најдобри практики и искуства“. На работилницата учествуваа 60-тина претставници на државни институции од Република Македонија во коишто се создаваат и се ракува со класифицирани информации, вклучувајќи ги и безбедносните служби што ги вршат безбедносните проверки за лицата што поднеле барање за издавање безбедносен сертификат.

Обука за Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност

Скопје , 14-18 декември 2015 година

 

Во периодот од 14 до 18 декември 2015 година, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на обуката за „Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност“ (CFSP and cyber security) што се одржа во организација на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во Центарот за обуки на Секретаријатот во Скопје.
Обуката беше организирана во рамките на петтиот циклус на обуки на Норвешкиот проект: Одржлив систем на ЕУ обуки и учењe, чијашто цел е зајакнување на аналитичките капацитети на работните групи за подготовка на НПАА, во подготовка на првата фаза на преговори (аналитички преглед на acquis). Како резултат на тоа, обуката беше наменета за вработени од СЕП и за лица коишто се членови на соодветните НПАА поглавја: 31 - Заедничка надворешна и безбедносна политика и 24 - Правда, слобода и безбедност, односно за лица со активно членство во НПАА работните групи и координативните структури за работа на подготовката, ревизијата и мониторингот на НПАА. Целта на обуката Програма 5 беше јакнење на аналитичките капацитети и напредно знаење во областа на Заедничката надворешна безбедносна политика (CFSP) и Заедничката одбранбена и безбедносна политика (CDSP).

Курс на тема „Програма за студии по сајбер одбрана“

Гармиш Партенкирхен, 30 ноември 2015 – 17 декември 2015 година

 

Претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше во Програмата за студии по сајбер одбрана што се одржа во Европскиот центар за обука „Џорџ С. Маршал“ во Гармиш Партенкирхен, Германија. Учеството беше организирано под покровителство на Канцеларијата за соработка во одбраната од Американската амбасада во Република Македонија. Целта на обуката беше разгледување на домашните и меѓународните предизвиците во сајбер одбраната во насока на проучување на природата и тежината на денешните закани.

Syndicate content