Билатерални разговори со Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург

Скопје, 5 мај 2016 година

 

По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), на 5 мај 2016 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург.
Целта на состанокот беше заемно запознавање и утврдување на потребите за влегување во договорна соработка во доменот на безбедноста на класифицираните информации меѓу владите на двете земји. Притоа, акцентот беше ставен на организациската поставеност, структурата и надлежностите на службите во двете земји, како и на можноста за реализација на билатералните преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации во првата половина на наредната година.
Делегацијата на Луксембург воедно одржа и кратка демонстрација на новиот концепт на електронски систем за работа со класифицирани информации до степен „интерно“ со целосно имплементирани мерки на безбедност и селективен пристап што бил развиен за потребите на луксембуршкото претседавање со ЕУ.