Состанок со Европската одбранбена агенција (ЕОА)

Брисел, 1 јули 2014 година

 

На 1 јули 2014 година во Брисел беше одржана првата средба со претставници на Европската одбранбена агенција (ЕОА) организирана по иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за отпочнување преговори за склучување Меморандум за соработка помеѓу ДБКИ, Министерството за одбрана на Република Македонија и Европската одбранбена агенција (ЕОА).
На средбата беше изразен интересот за соработка во доменот на сајбер одбраната, индустриската безбедност на класифицирани информации и одредени области сврзани со развојот на одбраната во Република Македонија.

Билатерални преговори со Романија

Скопје, 23-24 јуни 2014 година

 

По покана на шефот на Делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, на 23-24 јуни 2014 година во Скопје се одржаa билатерални преговори со делегација на Националниот безбедносен авторитет на Романија за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на двете држави.
Работната средба на двете делегации е прва фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодбата.

Подготвителна обука за полагање на ТОЕФЛ

Скопје, јуни 2014 година

 

Во периодот од 19.05 до 12.06. 2014 година, во просториите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се одржа подготвителна обука за полагање на ТОЕФЛ тестот по англиски јазик наменета за вработените во Дирекцијата. Обуката беше спроведена во соработка со Indiana Weslеyаn University од Соединетите Американски Држави, а истата беше реализирана од страна на професорките Кејла Бејлс и Рејчел Гаглиардо, под менторство на професорката Рашел Нил.

Јавен оглас за прием на волонтери
Спогодба со Босна и Херцеговина

Сараево, 20 мај 2014 година

 

На 20 мај 2014 година, на маргините на Четвртата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA), во Сараево беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Спогодбата ја потпиша г. Мате Милетиќ, помошник министер во Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина – Национален безбедносен авторитет.

Четврта конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA)

Сараево, 19-21 мај 2014 година

 

Во периодот од 19-21 мај 2014 година во Сараево, Босна и Херцеговина, се одржа Четвртата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа делегации на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Република Словенија, Република Србија и Република Црна Гора, како и заменикот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Џузепе Бенаси.
Акцентот на конференцијата беше ставен на дискусиите за сработената работа на тематските работни групи, како и на активностите што треба да се преземат во наредниот период. Делегацијата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја прифати понудата од коорганизаторите на конференцијата и на Регионалниот совет за соработка на ЕУ да биде домаќин на Петтата конференција на SEENSA што ќе се одржи во мај 2015 година.

Билатерални преговори со Република Австрија

Скопје, 06-07 мај 2014 година
 
Во периодот од 06-07 мај 2014 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во Скопје се одвиваа билатерални преговори за усогласување на текстот на спогодбата за размена и заемна заштита на класифицирани меѓу Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави и Делегацијата на Владата на Република Австрија.
Македонската делегација ја предводеше директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а австриската делегација беше предводена од г. Грегор Шустершитц, раководител на Правната служба во Министерството за надворешни работи на Република Австрија.

Потпишан безбедносен аранжман со Словенечкиот НБА

Скопје, 15 април 2014 година

 

На 15 април 2014 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се потпиша Безбедносен аранжман за имплементација на размената на податоци за безбедносна соработка меѓу Словенечкиот НБА и Македонскиот НБА.
Безбедносниот аранжман го потпишаа директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија и директорот на Канцеларијата за заштита на класифицирани информации на Владата на Република Словенија, г. Борис Мохар.

Предавање

Скопје, 11 април 2014 година

 

На 11 април 2014 година во просториите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, директорот на Дирекцијата одржа предавање на студенти од Факултетот за безбедност, Скопје за поставеноста, работата и улогата на Дирекцијата во безбедносниот систем на државата.

Спогодба со Република Србија

Белград, 28 февруари 2014 година

 

На 28 февруари 2014 година во Белград беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.

Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Република Србија, Спогодбата ја потпиша д-р Горан Матиќ, директор на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на тајни податоци.


Syndicate content