Работилница за безбедносната политика на НАТО

Брдо кај Крањ, Словенија, 16-20 септември 2013 година

 

Од 16-20 септември 2013 година во Брдо кај Крањ, Словенија, се одржа Работилница за безбедносната политика на НАТО за офицерите за безбедност на земјите што не се членки на Алијансата и на меѓународните организации. Работилницата беше во организација на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS) со поддршка на Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија. На оваа работилница учествуваше и еден претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Акцентот на Работилницата беше ставен на обуката на офицерите за безбедност со цел полесно имплементирање на НАТО безбедносните стандарди во земјите не-членки на НАТО.

TAIEX Студиска посета на Државната комисија за безбедност на информации на Република Бугарија

Софија, 10-11 септември 2013 година

 

Тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во периодот од 10-11 септември 2013 година реализираа студиска посета на Државната комисија за заштита на информации на Република Бугарија, организирана со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија. Целта на оваа студиска посета беше стекнување нови искуства во изведувањето инспекции за имплементација на критериуми и мерки за административна безбедност во регистрите и контролните точки за чување класифицирани информации.

Прва фаза на билатерални преговори со Унгарија

Будимпешта, 4 септември 2013 година

 

На 04.09.2013 година на покана од Националниот безбедносен авторитет на Унгарија, во Будимпешта престојуваше Делегацијата на Владата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, предводена од директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Работната средба на двете оовластени делегации е прва фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на Република Македонија и на Унгарија.

Трета конференција за информатичка безбедност и сајбер одбрана (ISCD 2013) на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Балатон, Унгарија, 02.09.- 03.09.2013 година

 

Во периодот од 2-3 септември 2013 година, во Балатон, Унгарија, се одржа Третата конференција за информатичка безбедност и сајбер одбрана, на којашто учествуваше и директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Словенија

Љубљана, 15.07.- 16.07.2013 година

 

Во периодот од 15.07.- 16.07.2013 тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа во студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Словенија, организирана со поддршка на ТAIEX инструментот на Европската комисија.

Темата на оваа студиска посета беше развој на проектот НСА облак од аспект на подготовка на проектната документација и неговата практична имплементација.

TAIEX Работилница

Скопје, 02-03 јули 2013 година

 

На 02-03 јули 2013 година во Скопје, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа работилница на тема „Компаративни сознанија сврзани со третманот на класифицираните информации во истражната и судската постапка“.

На Работилницата учествуваа околу 60-тина претставници од судови и јавни обвинителства во Република Македонија, како и претставници од Адвокатската комора.

Предавачи на оваа работилница беа експерти од ЕУРОПОЛ и од националните безбедносни авторитети на Македонија, на Словачка, на Словенија, на Чешка, на Шпанија и на Бугарија.

НАТО Работилница

Охрид, 10-13 јуни 2013 година

 

Во периодот од 10-13 јуни 2013 година во Охрид се одржа НАТО работилница за напредно истражување за развој на политиката за сајбер одбрана, на којашто учествуваа и тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Предавањата на Работилницата беа подготвени и реализирани од највисоките академски кругови: професори од Норвиџ универзитетот од САД, којшто воедно беше и коорганизатор на Работилницата, професори од Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, од универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, потоа од универзитетите на Молдавија, Грција, Хрватска и од други земји членки на Алијансата, како и професор од НАТО Центарот за обука Гармиш-Партенкирхен од Германија.

Возвратна посета на САД, Вашингтон Д.Ц.

Вашингтон Д.Ц., 3-7 јуни 2013 година

 

По покана на Директорот на Програмата за меѓународна безбедност при Канцеларијата на Потсекретарот за одбрана на САД, Питер Батен, Делегацијата на Владата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави оствари возвратна посета на Вашингтон Д.Ц. во периодот од 3 до 7 јуни 2013 година. Притоа, челеновите на македонската владина делегација беа запознаени со ракувањето со класифицираните информации и процедурите за нивна заштита од донесувањето на безбедносната политика за заштита на класифицирани информации сè до непосредната примена на процедурите од страна на крајните корисници.

Трета конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Драч, 27-29 мај 2013 година

 

Во периодот од 27 до 29 мај 2013 година во Република Албанија, во Драч, се одржа Третата конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

Акцентот на конференцијата беше ставен на извештаите за сработената работа на четирите работни групи што беа формирани на претходната конференција на SEENSA што се одржа во мај 2012 година во Република Словенија, како и на нивните понатамошни активности во пресрет на следната конференција на SEENSA најавена за мај 2014 година којашто ќе се одржи во Босна и Херцеговина.

Ориентациски курс за ЗБОП

Брисел, 13-17 мај 2013 година

 

Од 13-17 мај 2013 година претставник од Дирекцијата ќе учествува на ориентациски курс за ЗБОП што го спроведува Европскиот колеџ за безбедност и одбрана во Брисел во соработка со австриското Министерство за одбрана и спорт и хрватското Министерство за надворешни работи, во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2013 година за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација. Оваа обука е во рамките на унапредувањето на капацитетите на Дирекцијата за компатибилност на безбедносните критериуми и стандарди меѓу Република Македонија и Европската унија и се надоврзува на досегашната заемна соработка меѓу Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и австриското Министерство за одбрана и спорт.

Syndicate content