Обука за Заедничка безбедност и одбранбена политика на ЕУ

Брисел, 07 – 11 септември 2015 година

 

На 07.09.2015 година во Брисел се одржа деветтиот циклус за обука за Заедничка безбедност и одбранбена политика на ЕУ (ЗБОП) на земјите членки на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА) за 2015 година на којашто присуствуваше еден претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Следствено на искуствата од претходните циклуси на обуката, и оваа година програмата за обука се покажа како исклучителна можност за градење и унапредување на административните капацитети од областа на ЗБОП. Обуката беше организирана од страна на Европскиот колеџ за безбедност и одбрана и истата беше поддржана од TAIEX инструментот на Европската комисија.

Триесетта конференција на Мултинационалната работна група за индустриска безбедност (MISWG)

Тел Авив, 31 август – 04 септември 2015 година

 

Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на јубилејната 30-та годишна Конференција на Мултинационалната работна група за индустриска безбедност (MISWG) што се одржа во периодот од 31 август до 04 септември 2015 година во Тел Авив, Израел. На конференцијата на работната група во којашто Република Македонија има статус на земја набљудувач, акцентот беше ставен на националните извештаи на земјите учеснички за нивните постигнувања во тековната година на полето на индустриската безбедност на класифицираните информации и на плановите за соработка во периодот до наредната конференција.

Десетнеделно стажирање во Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија

Љубљана, 28 април – 3 јули 2015 година

 

Во периодот од 28 април до 3 јули 2015 година, претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (Национален безбедносен авторитет на Република Македонија) беше на десетнеделно стажирање во Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија, поддржан од Европскиот фонд за Балканот. За време на стажот тој ја проучуваше словенечката, но и НАТО и ЕУ правната рамка за заштита на класифицираните информации.
Претставникот учествуваше во сите работни активности што ги организираше или со коишто претседаваше Владината канцеларија, како и во оние во коишто учествуваше Канцеларијата, вклучувајќи ја и експертската конференција на тема „Дилемите и предизвиците при користењето дронови и нивната нормативна регулатива“, одржана во Националниот парламент и организирана од страна на Институтот за корпоративна безбедност. Тој стекна искуства во процесот на ракување со класифицирани информации преку следење презентации во Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана. Со цел подобра имплементација на проектот НБА Облак и НБА Форум,

Мултилатерален состанок на 6S ниво

Сараево, 15-16 јуни 2015 година

 

Во периодот од 15-16.06.2015 година во Сараево, претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на мултилатерален состанок на експертско ниво од Националните безбедносни авторитети (6S иницијативата). На состанокот се разгледуваа можностите и начинот на размена на податоците помеѓу НБА во кругот на 6S иницијативата од доменот на персоналната безбедност.

Проект ENCYSEC (Унапредување на сајбер безбедноста, заштита на информациите и мрежите за комуникација)

 

Париз, Франција, 20-21 мај, 2015 година (Работилница за заштита на критичната информациска инфраструктура)
Талин, Естонија, 14-18 јуни, 2015 година (студиска посета)
Прага, Чешка Република, 29-30 јуни, 2015 година (Вежба за сајбер безбедност со фокус на владин/национален CIRT и мрежна форензика)

 

Во периодот мај-јуни 2015 година, претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа во циклус настани сврзани со промоција и имплементација на пилот проектот ENCYSEC. Проектот финансиран од ЕУ и имплементиран од страна на партнерските институции Expertise France и Civipol Conseil, има за цел зголемување на безбедноста и стабилноста на мрежите на информациско-комуникациските технологии во земјите корисници на проектот (Македонија, Молдавија и Косово). Проектот се состои од три компоненти: 1. Градење CERT капацитети, 2. Стратегии за сајбер безбедност и зголемување на безбедносната свест и 3. Унапредување на соработката: PPP и меѓународна соработка.

Петта SEENSA конференција

Скопје, 20 мај 2015 година

 

Во ко-организација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Советот за регионална соработка (RCC) на ЕУ со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина, на 20 мај 2015 година во Скопје се одржа Петтата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). Со оваа конференција беше обележан мал јубилеј на иницијативата за средба на директорите и раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа којашто започна во мај 2011 година во Софија, Република Бугарија.
На конференцијата учествуваа претставници на националните безбедносни авторитети на седум земји од регионот, и тоа на Бугарија, на Босна и Херцеговина, на Косово, на Македонија, на Словенија, на Србија и на Црна Гора, предводени од директорите и од високи претставници на службите. Од страна на земјата домаќин, на конференцијата учествуваше и претставник на Министерството за надворешни работи, од Секторот за безбедносни прашања во Директоратот за организациони работи.

Работилница во организација на RACVIAC и Воената академија

Охрид, 12-14 мај 2015 година

 

Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации Учествуваа на работилницата на тема „Градење на сајбер издржливо општество во Југоисточна Европа“, што се одржа во периодот од 12 до 14 мај 2015 година во Охрид, во организација на Центарот за безбедносна соработка RACVIAC и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“- Скопје. Работилницата беше поддржана од Владата на сојузна Република Германија.

Посета на директорот на НСА на Словенија

Скопје, 14-16 април 2015 година

 

По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 15 април 2015 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Канцеларијата за заштита на класифицирани информации на Владата на Република Словенија. Делегацијата на Словенија беше предводена од директорот на Канцеларијата.

Истражувачка работилница од напредно ниво на тема „Подигање на степенот на свесноста за сајбер одбрана на Балканот“

Скопје, 17-19 март 2015 година

 

Во периодот од 17 до 19 март 2015 година, претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на истражувачката работилница од напредно ниво под наслов „Подигање на степенот на свесноста за сајбер одбрана на Балканот“ што се одржа во Скопје, спонзорирана од НАТО Програмата за мир и одбрана и организирана од страна на Евроатлантскиот младински клуб на Бугарија и Истражувачкиот центар за безбедност, одбрана и мир во Македонија.

Средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност

Брисел, 12 март 2015 година

 

На 12 март 2015 година во Седиштето на НАТО во Брисел, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се сретна со директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО. Целта на средбата беше заемно запознавање, информирање за тековните активности и за плановите за натамошен развој на Дирекцијата, како и за перспективите за поблиска соработка меѓу двете служби.

Syndicate content