Учество на работилници во организација на DCAF

Скопје, 3-4 јули 2018 година

 

На 3 и 4 јули 2018 година, Дирекцијата зема учество на работилниците во организација на Центарот за демократска контрола над вооружените сили (DCAF).
Работилницата во Собранието на Република Македонија одржана на 3 јули, беше на тема „Јакнење на надзорот врз разузнавањето во Република Македонија“, а е поврзана со Меморандумот за разбирање помеѓу Собранието и ДКАФ потпишан во мај 2018 година, договорениот Акционен план за соработка од јануари 2018 година и релевантното национално законодавство.
Во насока на јакнењето на капацитетите на пратениците кои членуваат во Комисиите за обрана и безбедност, за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање и за одбрана и безбедност, пратениците беа сензибилизирани за пристапот до, и ракувањето со класифицирани информации, вклучително и создавање, прием, распространување и чување.
Целта на ова претставување беше подигање на нивото и разбирањето за легислативата со која се уредува материјата на класифицираните информации.
Работилницата од 4 јули всушност претставуваше трета средба на Одборот за надзор во рамките на проектот „Судски водич за следење на комуникациите“, како дел од Програмата за реформи во разузнавачкиот сектор започната во 2107 година како поддршка на националните реформски активности за развивање на одговорност и управување со разузнавачкиот сектор, во согласност со европските стандарди и добри пракси.
Присуството на Дирекцијата во спроведувањето на овој проект ќе овозможи уредување на процедурите сврзани со класифицирани информации во процесот на барањата и одобрувањата, како и надзорот над следењето на комуникациите.