Осма конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA)

Блед, 11 септември 2018 година

 

PictureНа 11 септември 2018 година на Блед, Република Словенија, се одржа Осмата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). Конференцијата се одржа во рамките на 13-тиот Бледски стратешки форум чиешто годинешно мото беше „Премостување на јазот“ (Bridging the Divide).

На конференцијата, чии ко-претседавачи беа директорот на националниот безбедносен авторитет на Словенија, г. Добран Божиќ и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка на ЕУ (RCC), г. Горан Свиларевиќ, учествуваа делегации на националните безбедносни авторитети од Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, како и претставник на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ.
Акцентот на конференцијата беше ставен на панелната дискусија за улогата на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа во обезбедувањето сајбер безбедност, како и на дискусиите за размена на искуства во доменот на безбедносните проверки на лицата корисници на класифицирани информации во судската пракса и на искуствата за подигање на безбедносната свест и едукацијата на корисниците на класифицирани информации.