Средба со Претседателот на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Скопје, 23 април 2012 година

 

На 23 април 2012 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се одржa средба со Претседателот на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија, г. Михали Зала којшто претстојуваше во работна посета на Република Македонија во рамките на посетата на високата делегација од Министерството за јавна администрација и правда на Унгарија предводена од државниот секретар д-р Марсел Биро.
Средбата во Дирекцијата беше искористена за размена на искуствата од заемната соработка во рамките на организираните активности со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија, при што унгарската делегација даде иницијатива и поддршка за учество во twinning и TAIEX активности по избор на Дирекцијата. Воедно, на средбата двете страни го потврдија интересот и својата подготвеност за скоро започнување билатерални преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на двете земји.

Известување за промена на адреса на Дирекцијата

март 2012 година

 

Врз основа на известувањето на Град Скопје – Сектор за комунални работи, во согласност со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, органите на државната управа што досега биле нумерани со букви (бб) сега се со нова нумерација. Оттука, од 15 март 2012 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се води на адреса ул. „Ангел Димовски“ бр. 8 (Касарна „Гоце Делчев“), 1000 Скопје. Другите податоци за контакт остануваат исти.

TAIEX работилница

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

На 13-14 март 2012 година во Скопје се одржа работилницата на тема „Критериуми, мерки и стандарди за физичка безбедност на класифицирани информации во државните органи, јавните претпријатија и приватните компании“. Работилницата беше организирана во соработка со Европската комисија од Брисел, во рамките на TAIEX инструментот.

Претседавач на работилницата беше директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а презентери беа експерти за физичка безбедност на националните безбедносни авторитети на Кралството Шпанија, на Словачката Република, на Ребулика Унгарија и на Република Кипар: г. Хавиер Лугедо Калдерон, г. Петер Гребач, г-ца Софија Сабо и г. Илиас Хацикумис.

Билатерални преговори со Република Србија

Скопје, 5-6 март 2012 година

 

На покана на шефот на делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 5 и на 6 март 2012 година во Скопје престојуваше делегација на Канцеларијата на Советот на за национална безбедност на Република Србија, предводена од директорот, г. Горан Матиќ. Целта на посетата беше усогласување на текстот на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за размена и заемна заштита на класифицирани информации. Преговорите што резултираа со договорен текст на спогодбата се одвиваа во мошне конструктивна и пријателска атмосфера.

Програма за TAIEX работилницата

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

Програмата можете да ја преземете тука

Нов термин за билатералните преговори со Италија

Скопје, февруари 2012 година

 

Поради временските услови, на барање на италијанската страна, втората фаза од билатералните преговори меѓу делегациите на Република Македонија и на Република Италија за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации, што требаше да се реализира во периодот од 20 до 22 февруари 2012 година во Скопје, ќе се одржи во април 2012 година. Новиот термин ќе биде дополнително утврден.

TAIEX работилница

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

На 13-14 март 2012 година во Скопје Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во рамките на TAIEX програмата на Европската комисија ќе одржи работилницата на тема „Критериуми, мерки и стандарди за физичка безбедност на класифицирани информации во државните органи, јавните претпријатија и приватните компании“.

Поканетите учесници тука можат да го пополнат формуларот во електронска верзија и да го испратат на e‑mail адресата на Дирекцијата direkcija@dbki.gov.mk до наведениот рок.

Билатерални преговори со Србија

Скопје, 5-6 март 2012 година

 

Во Скопје на 5 и на 6 март 2012 година ќе се одржи средба на делегациите на Република Македонија и на Република Србија за водење преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации на којашто ќе започнат билатерални преговори за усогласување на текстот на спогодбата.

Втора фаза билатерални преговори со Италија

Скопје, 20-22 февруари 2012 година

 

Во периодот од 20 до 22 февруари 2012 година во Скопје, по покана на шефот на Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, ќе се одржи втората фаза од билатералните преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации на меѓу Владата на Република Македонија Владата на Италијанската Република. Во оваа втора фаза од билатералните преговори се очекува да се заокружат преговорите за финалниот текст на спогодбата, по што би отпочнала процедурата за одобрување на текстот од страна на Владата на Република Македонија.

Иницијатива за обука за класифицирани информации

Варшава, 6-8 ноември 2011 година

 

На покана на Националниот безбедносен авторитет на Република Полска, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе учествува на Конференцијата на земјите од Вишеградскaта група посветена на стандардите за заштита на класифицирани информации со наслов „Иницијатива за обука за класифицирани информации“ што ќе се одржи во периодот од 6 до 8 ноември 2011 година во Варшава.

Syndicate content