|
Соработка со Факултетот за безбедност – Скопје
Скопје, 12 февруари 2018 година
На 12.02.2018 година, на Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, д-р Стојан Славески одржа предавање на тема: Безбедносната култура и заштита на тајните информации во безбедносниот систем на Република Македонија. Притоа, Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје проф. Д-р Никола Дујовски и директорот на ДБКИ потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност
Брисел, 23 ноември 2017 година
На 23 ноември 2017 година во Седиштето на НАТО во Брисел, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, д-р Стојан Славески оствари средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност, г-ѓа Венди Башнан, којашто покрај менаџирањето на Канцеларијата има функција и на главен советник на Генералниот секретар на НАТО за безбедносни прашања и на Претседавачот со Воениот комитет на НАТО и претседава со комитети на високо ниво.
TAIEX Студиска посета на Државната комисија по сигурноста на информацијата на Република Бугарија
23-25 октомври 2017 година, Софија
Во рамките на „Студиската посета за размена на добрите пракси во областа на взаемната размена и заштита на класифицирани информации“, а со поддршка на TAIEX инструментот на Европската Комисија, во периодот од 23-25 октомври 2017 година, тричлена делегација од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа во Софија, Република Бугарија, како гости на бугарската Државна комисија по сигурноста на информацијата (ДКСИ).
Средба со шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен
Скопје, 17 октомври 2017 година
На 17 октомври 2017 година директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, д-р Стојан Славески оствари средба со шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен. За време на средбата беше разговарано за тековните активности на Дирекцијата, за досегашната соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје во рамките на проектот за методологијата за изработка на процената на ризик за информатичка безбедност, како и за можностите за воспоставување поблиска соработка преку влегување во нови проекти поддржани од ОБСЕ.
Состанок на Директорите на Националните безбедносни авторитети од регионот во формат 6S
Белград, 06 октомври 2017 година
На 06 октомври 2017 година во Белград, Република Србија, се одржа петтиот состанок на директорите на Националните безбедносни авторитети на земјите од поранешните југословенски републики (формат 6S), како консекутивна (back-to-back) активност со Седмата SEENSA конференција. Состанокот беше поддржан од Регионалниот совет за соработка на ЕУ (RCC) како резултат на неговата јасна определба за поддршка на сите форми на регионална соработка што не се контрадикторни на SEENSA форматот на соработка.
Седма конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA)
Белград, 05 октомври 2017 година
На 05 октомври 2017 година во Белград, Република Србија, се одржа Седмата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). Ко-претседавачи на конференцијата беа директорот на НСА на Србија, д-р Горан Матиќ и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка на ЕУ (RCC), г. Горан Свиларевиќ. На конференцијата учествуваа делегации на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и претставник на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ. Специјални гости на отворањето на конференцијата беа претседавачот со Парламентарната комисија за безбедност и одбрана на Србија и директорот на Полиција.
Работилница за безбедносната политика на НАТО
Брдо, 25 – 29 септември 2017 година
Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на работилницата за безбедносната политика на НАТО што се одржа во периодот од 25 до 29 септември 2017 година на Брдо, Словенија, во организација на Канцеларијата на НАТО за безбедност и Националниот безбедносен авторитет на Словенија. Работилницата беше наменета за претставници на земјите што не се членки на НАТО и за претставници на други меѓународни организации, со цел нивно запознавање со практичните искуства од примената на безбедносните регулативи и процедури на НАТО.
Именување нов директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации
Скопје, август 2017 година
На својата седница на 3 август 2017 година Владата на Република Македонија донесе одлука за именување на д-р Стојан Славески за вршител на должност директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Семинар за промоција на „Методологијата за изработка на процена на ризик за информатичка безбедност“
Скопје, 4 мај 2017 година
На 04 мај 2017 година во хотел Солун во Скопје се одржа семинар за промоција на „Методологијата за изработка на процена на ризик за информатичка безбедност“, проект финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и организиран во соработка со Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Учесниците на семинарот беа запознаени со текот на проектот и со изработката на Методологијата во соработка со Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија, како и со видувањата за одржливоста на проектот, за евалуацијата на изработената методологија и за идните перспективи во однос на нејзината имплементација од страна на поголем број државни институции во Република Македонија.
TAIEX Работилница од доменот на сајбер безбедноста
Скопје, 20-21 април 2017 година
На 20-21 април 2017 година во хотел Арка во Скопје се одржа работилницата на тема „Улогата на Националниот безбедносен авторитет во процесот на воспоставување и оперативната работа на тимот за одговор на сајбер инциденти (CIRT)“, организирана од страна на ДБКИ и поддржана од ТAIEX инструментот на Европската комисија. На работилницата учествуваа педесетина учесници, и тоа претставници на ДБКИ и претставници на државни органи од земјата коишто имаат надлежности или учествуваат во работата на националниот тим за одговор на сајбер инциденти (CIRT).
Гости предавачи на работилницата беа претставници на CIRT авторитетите од Хрватска, Чешка и Финска и претставник на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, како и претставници на македонскиот CIRT (MKD-CIRT).
|
|
|